ПОЧЕТНА А Репрезентација ЕКСКЛУЗИВНО, ОД ГОРЕ: Дончиќ – Младеновски е ретко виден талент

ЕКСКЛУЗИВНО, ОД ГОРЕ: Дончиќ – Младеновски е ретко виден талент

сподели
rtvslo.si

Нашиот репрезентативец Љубомир Младеновски се рехабилитира од повреда на скочниот зглоб.

Во моментот кога почна да игра и да покажува само дел од неговиот максимален капацитет, доживеа дисторзија, што за момент ќе го оддалечи од терените.

Неговиот тренер Саша Дончиќ зборуваше за basketball.mk – за потенцијалот на Македонецот, за отворените можности што се пред него и за карактеристиките што ги поседува Бубе.

Љубомир Младеновски (14)

„Младеновски дојде во Илирија на мое инсистирање. Тој е прво „супер дечко“, а потоа голем талент, не само на македонската кошарка, туку и на европската. Тука, на пример, во Словенија е реткост да се појави висок кошаркар.

Младеновски има скоро 210 см, има подвижност, моторика и техника какви што не се гледаат често кај толку високи играчи. Поседува нешто што може да се развие во блескава кариера, но се зависи од него, колку тој ќе тренира и како ќе се однесува кон кошарката.

Ние тренерите сакаме да кажеме дека високите играчи подоцна созреваат и потребно е многу трпение, а со тоа да им се посвети и многу внимание во нивниот развој.“

Љубомир Младеновски на тренинг, со нашата А репрезентација.

Бубе одигра 11 натпревари на стартот на сезоната, со просек скоро 25 минути по меч. Има 50% реализација од поле и 73% од линијата за слободни фрлања.

Има 7.8 скока по натпревар, со што е најдобар скокач во својата екипа. Минатата сезона, на пример, најдобриот скокач во Словенија беше Јакоб Чебашек со 8.6 скока по натпревар.

Прашање е колку повредата што му се случи на мечот со Олимпија, ќе се одрази на неговата форма и на континуитетот што го има(ше) во Илирија.

Младеновски и Мекиќ минатата сезона играа во МЗТ Скопје. Сега едниот е во Илирија, а другиот во Куманово.

„Моменталната повреда е нешто што ќе биде пребродено многу брзо, затоа што е нешто најнормално во светот на спортот и не смее во никој случај да му влијае на самодовербата или на желбата да тренира и да игра.“

Нашиот центар, репрезентативец, не добиваше шанса во нашата лига и во АБА лигата од бројните тренери на металците, иако беше доведен во МЗТ Скопје каде што играше од 2013 до 2017 (од Работнички каде што играше 2011-13, но втората сезона ја помина во проектот со младинската селекција која што беше екипа во првата лига и се натпреваруваше лигашки) како голем потенцијал и големо засилување под обрачите.

Љубомир Младеновски и Александар Костоски, на тренинг со А селекцијата.

„Не би сакал да зборувам за тоа колку Младеновски добивал шанса во Македонија или како тренирал кај вас, затоа што тоа не би било коректно од моја страна, да зборувам за работата на моите колеги.

njena.si

Но, можам да истакнам дека работи напорно и дека напредува во секој нов натпревар. Тој е прв центар на нашата екипа и одлично се вклопува во нашата филозофија. Немаме некои истакнати имиња, нашиот тим се гради постепено и одиме чекор по чекор, заедно растеме и стекнуваме искуство.“

Илирија е пријатно изненадување и големо освежување во словенечкото првенство, сезонава. Тоа е тим што игра со променлива форма, поради неискуството, но има сосема солидни стратегија и резултати.

Марјан Јанески и Љубомир Младеновски, на тренинг со А селекцијата.

Илирија победи против шампионот Олимпија, го совлада и лидерот Приморска, а загуби тесно по продолжението во првото коло од минатосезонскиот финалист, Рогашка.

„Ние сме екипа што може да победи секого, но може и да загуби од секого. Примарната цел ни е да влеземе во втората фаза од натпреварувањето, меѓу најдобрите 8 екипи во словенечкиот шампионат, а таму се е можно.

Живи луѓе сме и знаеме дека сите посакуваме да стигнеме што подалеку, па така и ние, но нема да летаме во облаци, туку ќе газиме цврсто и сигурно.

Од она што ве интересирас вас, како публика во Македонија, можам да кажам дека сериозно сметам на Бубе Младеновски и на неговите квалитети, во понатамошниот дел од првенството.“

rtvslo.si

Разговорот со големиот господин Саша Дончиќ, заврши со неизбежно прашање за неговиот син Лука, кој што ја запали Европа. Не само со успехот на последното ЕП и златниот медал со Словенија, не само со игрите во Реал Мадрид, туку воопшто со односот кон кошарката.

Лука Дончиќ има 18 години и се уште не кажал ниту К од кошарката што ја носи во себе, која што му е пренесена наследно. Неговиот татко, беше исто така кошаркар.

„Лука поседува голем потенцијал, се уште не е голем играч, но може да биде. Постигна нешто што никој досега не успеал на негова возраст, интересот за него е голем, но тој е се уште млад.

Саша Дончиќ и Горан Драгиќ играа заедно во сезоната 2007/08, во дресот на Унион Олимпија (siol.net).

Тој ја разбуди онаа романтика на луѓето од нашите бивши простори, нешто што ни недостасуваше долго време.

Не верувам дека некогаш ќе дојде до заситување кај него, затоа што во неговите очи гледам глад за игра и љубов кон кошарката, што се основни предуслови за успех.

novosti.rs

И од него, како во случајот со Младеновски, зависи колку и што ќе направи во животот. Тоа е таа формула која што мора да ја применуваат сите – ред, работа и дисциплина – ако сакаат да напредуваат.“

Екипата на Илирија, во моментов е на 6-та позиција, која што е последна што води во разигрувањето за титулата. Хелиос и Ползела му дишат во вратот на овој млад тим, но му посакуваме многу среќа понатаму и пласман во словенечката елита, а зошто да не и вмешување во битката за титулата.

Аутсајдерите знаеле да изненадат, словенечкиот рецепт го видовме на континенталниот собир во Истанбул, ние сме исто така мала земја, а во Илирија игра наше дете. Тоа се многу причини да навиваме за Љубомир Младеновски, Саша Дончиќ и Илирија.