ПОЧЕТНА Куп на РМ ДОКУЗОВСКИ: Резултатот лаже!

ДОКУЗОВСКИ: Резултатот лаже!

сподели

Најтрофејниот тренер во македонската кошарка повторно им одржа лекција на своите помлади колеги од Куманово, МЗТ Скопје и Блокотехна.

Иако без играчите кои требаше да бидат засилувања во овој дел од сезоната, Марин Докузовски го донесе Работнички до десеттиот трофеј во Купот на Македонија, седми за него во тренерската кариера.

На „докторски“ начин го запре МЗТ Скопје во полуфиналето, а откако виде од каде доаѓа најголемата опасност, истото и го приреди и на Блокотехна во мечот за титулата.

„Ако го гледате конечниот резултат, ќе помислите дека лесно сме стигнале до победата, но воопшто не беше така. Во првото полувреме не игравме одбрана како што знаеме и се договориме, не знам која беше причината за тоа, дали заморот, дали нешто друго…

Кога ја сменивме одбраната и заигравме поагресивно, направивме пресврт и мислам дека заслужено ја освоивме титулата. Реално ако гледаме, имавме тешки натпревари и тоа дава дополнителна тежина на оваа победа.

Одиме чекор по чекор сезонава, ова е голем чекор за нас бидејќи веќе освоивме еден трофеј. Сега можеме да играме порастоварено и мислам дека притисокот е на страната на МЗТ Скопје“, изјави Докузовски по финалето.