ПОЧЕТНА Избор на уредникот Докузовски: Парма е фаворит, но не се предаваме

Докузовски: Парма е фаворит, но не се предаваме

сподели
Парма е голем клуб, вели Марин Докузовски

Работнички немаше многу среќа во ждрепката за првото квалификациско коло од ФИБА Европа купот.

Противник ќе му биде рускиот прволигаш Парма кој е непознаница за пошироката кошаркарска јавност во земјава. Освен квалитетот на тимот од Перм, проблем ќе биде долгиот пат од околу 4.000 километри кој го очекува нашиот претставник во второто по квалитет клупско натпреварување на ФИБА.

Тренерот на Работнички, Марин Докузовски веќе почна да собира информации за Парма.

Парма веќе донесе четири засилувања

„Минатата сезона Парма првпат се пријави за учество во регионалната ВТБ лига. Го освои последното место, но клубот влезе тотално неподготвен во таа авантура.

Сега ситуацијата е сосема поинаква. Парма веќе има искуство и почна да прави тим со кој ќе биде поконкурентен како во ВТБ лигата, така и во ФИБА Европа купот. Од моите сознанија, веќе се ангажирани четири нови кошаркари и тоа по еден Летонец и Анголец и двајца Американци од кои едниот е на НБА ниво. Свесни сме дека ќе биде мошне тешко, Парма е фаворит за пласман во следната фаза, но тоа не значи дека ќе се предадеме без борба”, изјави Докузовски за basketball.mk.

Аплицирајте веднаш за

Во следниот период и Работнички ќе доживее трансформација во играчкиот кадар бидејќи од минатата сезона потврдени се само четворица кошаркари.

Работнички ќе доживее реконструкција на играчкиот кадар

“Од ланскиот состав сигурни се Чековски, Николиќ, Ефремовски и Мираковски, а досега дојде само Бојан Крстевски. Со подготовките за новата сезона почнуваме на 15 август и ќе се обидеме да создадеме конкурентен тим, не само за двомечот со Парма, туку и за домашното првенство. На финансиски план не можеме да се споредуваме со Русите, но ќе направиме екипа согласно нашите можности и сметам дека таа ќе биде доста квалитетна”, додаде трофејниот стручњак.

Работнички веќе најави дека претстојната сезона ќе се обиде да го врати приматот во домашната кошарка. По 13 години, клубот се враќа во европските купови, а ќе ја „брка“ и првата шампионска титула во македонското првенство по 2009 година.