ПОЧЕТНА Избор на уредникот Добива ли МЗТ ново лице – македонско?

Добива ли МЗТ ново лице – македонско?

сподели
КК МЗТ Скопје Аеродром / Драган Митрески

Од првиот момент на нашето присуство во регионалната кошарка, македонската кошаркарска публика посакуваше едно нешто – тогашниот македонски шампион, што според сите показатели во нашата кошарка и во нашето општество пред 6 години, беше најсилниот и најстабилниот колектив без конкуренција, да се претвори во фабрика.

Фабрика за кошаркари, за македонски играчи, кои што ќе бидат нашата иднина, нашата гордост и нашата радост. Клуб поддржан од една од најорганизираните општини, со сала и услови какви што посакуваат и големите гиганти, со силни спонзори на дресот, со исчекор за кој што сонуваа македонските клубови – АБА лига.

Моменталниот состав на МЗТ Скопје Аеродром (printscreen: aba-liga.com)

Во првите три сезони некако успеавме да премижиме на сите имиња кои што не се познати ни во нивните згради и населби, а не градови, или пак во кошарката во регионов, а да не зборуваме за подалеку, кои што продефилираа низ Скопје и си заминуваа како манекенки на пистата на „Викторија’с сикрит“.

Ниту еден од нив, не се задржа подолго од една цела сезона, немаше континуитет или пак некаков спектакуларен резултат. Нека простат ако имало исклучок, но штом не оставил впечаток и не е споменат на прва, тогаш исто како да го немало. А имало такви кои што со 10 натпревари, останале вечно во нашите срца – читај Марк Дин.

Тодор Гечевски и Ѓорѓи Чековски во дресот на МЗТ Скопје Аеродром – Wikipedia

Молчевме цели три години, затоа што тројцата мускетари Тодор Гечевски, Ѓорѓи Чековски и Дамјан Стојановски, беа она на кое што се концентриравме и она што не правеше горди, во корелација со тоа дека сме дел од АБА лигата.

Потоа почнавме да мрмориме тивко, за по уште три години, кога сфативме дека не го добивме она што го посакувавме, да констатираме – штета што претходниве 6 години, немаше ниту еден четврти, Шарл Ожие де Бац де Кастелмор Д’Артањан на македонската кошарка, кој што ќе се приклучеше на ова трио, па 5-ти кој што ќе го наследеше Гечевски, па 6-ти кој што ќе го наследеше Чековски…

Новиот тренер на МЗТ Скопје Аеродром, Жељко Лукајиќ (десно) и тренерот на Црвена звезда, Душан Алимпијевиќ (фото: КК МЗТ Скопје Аеродром / Драган Митрески)

Многу мускетари се тоа, толку членови на кралската гарда нема(ла) ни Франција, свесни сме. Но, посакувавме да има барем еден. Еден единствен што ќе се поистоветува со школата на новиот МЗТ Скопје Аеродром.

Да се појави барем едно име што ќе биде продукт на тој тежок пат, што на Јадранот го чекореше, првакот на Македонија. Истото важи и за тренерите, тие исто така прелетуваа како птици преселници, натаму, наваму, но никогаш не беа тука, со душа и т(иј)ело.

Андреј Настовски доби скоро 13 минути против Црвена звезда (фото: КК МЗТ Скопје Аеродром / Драган Митрески).

Одеднаш, дали под притисокот на реалноста или поради некакви сменети ставови за кошарката, не е ни толку битно зошто – туку побитно е што се случило, во МЗТ Скопје се вгнездија неколку репрезентативци. Марко Симоновски, Бојан Трајковски, Дарко Соколов, Андреј Маслинко, Игор Пенов и староседелецот Дамјан Стојановски.

Штета што Љубомир Младеновски, Бобан Стајиќ и Адем Мекиќ го напуштија јатото во потрага по минутажа, по свое место под ова небо, кое што ним и не им беше толку сино во домот на сините во Аеродром. Има и неколку млади имиња, а тоа се Михајло Митев и Ранко Мамзуиќ кои што беа пратени на калење во Струмица и Кожув, односно такви што сега добиваат шанса, а тоа е Андреј Настовски.

Хрватскиот интернационалец Доминик Мавра (фото: КК МЗТ Скопје Аеродром / Драган Митрески)

Странците што се присутни во МЗТ Скопје изгледаат на кревки и кротки души, благородни и благодарни кошаркари, кои што тренираат напорно и го ценат секој момент поминат на паркетот, даваат се од себе и не се штедат во каузата – победа, по секоја цена, за МЗТ Скопје Аеродром. Така барем изгледаат, а какви се навистина, ќе видиме на крајот на сезоната.

Ова е сезона во која што македонскиот 6-кратен шампион ќе се обиде да остане на врвот на македонската кошарка, ќе се обиде да го врати Купот во Аеродром и ќе се обиде да остане во јадранското друштво. Сите три задачи, кои што во минатите 6 години како да не беа под знак прашалник, со исклучок на трофејот во Купот, сега се равенки со по три непознати, големи и тешки како планини.

КК МЗТ Скопје Аеродром / Драган Митрески

Ништо не е исто во нашата кошарка, па следствено на тоа, ништо не е исто ниту во МЗТ Скопје. Куриозитетно за оваа екипа, за овој колектив, е што сезонава живее повеќе животи во многу кратко време. Менува многу карактери, рува и филозофии, преку ноќ.

Му посакуваме да преживее, да го најде своето јас, да биде тоа што беше последниве 6 сезони и да ни понуди несекојдневно возбудлива завршница во сите натпреварувања што ги споменавме, затоа што и ние како публика, но и МЗТ Скопје, го заслужуваме тоа.