ПОЧЕТНА НБА Денови на жалост во Тексас и Франција!

Денови на жалост во Тексас и Франција!

сподели
Los Angeles Times

Последниот од блескавото трио на Сан Антонио одлучи да стави крај на играчката кариера, на 37-годишна возраст.

За разлика од Тим Данкан и Ману Џинобили, Тони Паркер во пензија замина од екипата на Шарлот Хорнетс каде ја помина последната сезона по 17 поминати во Спарс. За малку нема да ја оствари својата цел – да одигра најмалку 20 сезони во НБА лигата.

Со Сан Антонио освои четири шампионски титули, шест пати играше на Ол-стар натпреварите, во 2007 година беше прогласен за МВП на финалната серија како прв европски кошаркар кому му успеало тоа.

Одигра 1254 натпревари, во просек постигнуваше по 15,5 поени, 5,6 асистенци и 2,7 скока. Одлучи да не се прости на начинот како Двејн Вејд и Дирк Новицки бидејќи, како што вели, не може во пензија да замине во дресот на франшизата која безмерно ја сака и која го направи она што е денес.

Но, играњето за Спарс не е единственото поле каде имаше успеси. Во негово време и француската репрезентација беше една од најсилните во светот и по пауза од половина век почна да освојува медали.

Eurohoops

Најблескавиот, единствен во историјата на „триколорите“ е од Европското првенство во 2013 година во Словенија на кое Паркер беше најдобар стрелец и прогласен за најкорисен играч. Две години претходно во Литванија, Франција под водство на својата прва виолина беше втора, а во 2005 и 2015 година го освои бронзениот медал.

По завршувањето на кариерата најголемата француска кошаркарска ѕвезда планира да живее во Сан Антонио каде се и Данкан и Џинобили, но повремено ќе патува и во татковината бидејќи е претседател на Кошаркарскиот клуб АСВЕЛ кој ќе се бори за шампионската титула во домашното првенство, против Монако.