ПОЧЕТНА Колумни Да му верувате на Пеце!

Да му верувате на Пеце!

сподели
фото: gol.mk

Претседателот на МКФ го викна шумарот да ги смири партизаните и германците. Само што, партизаните и германците во оваа битка, беа од истиот табор. Беа Комити. А шумарот, беше Турчин. Еден шумар, само што се појави, на најкултурен начин ги „потера“ сите по дома. Ај сиктер! А овие, си го добија тоа што си го бараа. На крајот дури беа задоволни и среќни. И сега, во шумата е мирно. Владее спокој.

Кога Петар Наумоски обзнани дека ќе повика помош од Турција, за делење на правдата на последниот натпревар од јубилејното 25-то македонско кошаркарско финале, поголемиот дел од нас се почувствуваа повредени, навредени, засегнати, столчени, изиграни.

Се споменуваа некакви пар-екселанси, прекршувања на статути и закони, дури некои и го повикуваа делегатот кој што беше единствен Македонец во приказната, да се откаже од делегирањето како знак на солидарност со колегите. Бре, жити мајка? Кои бре колеги? Која бре солидарност? Кое бре заедништво?

Аплицирајте веднаш за

Македонска реченица – добро бе, немаме ли ние судии, па ќе викаме од странство? Меѓународен одговор – еве Ви како се суди.

Епа, господа засегнати, повредени и навредени, се виде на дело дека немаме судии. Не такви, кои што ќе одговорат на предизвикот чесност, непристрасност и доследност. Со еден збор, немаме такви судии кои што се чисти. Немаме такви судии кои што се авторитетни. Немаме такви судии, кои што се без дамка. Немаме!

Не значи ова дека ние во Македонија немаме квалитетни арбитри. Не значи ова дека ние во Македонија не знаеме ништо. Не значи ова дека не вредиме, ние Македонците.

Напротив, ова значи дека вистинските судии не се таму каде што треба. Ова значи дека во регрутирањето и создавањето арбитри, подоцна и во нивната имплементација во нашата кошарка, нема критериуми, нема стандарди, нема идеја и реализација. Во судиската организација на Македонија нема ред и поредок! Има само полтрони, кои што незнаејќи веќе на која страна да се свртат, ќе останат без „значките“.

Точно е дека нашите судии суделе и судат и ќе судат меѓународни натпревари, но таму не смеат да мрднат. Дел сме од Европа, дел сме од земјинава топка, меѓународната заедница го прифаќа тоа што и го сервираме дека е најдобро од нас. Не знаат европејците што наше е најдобро, туку гледаат што им нудиме.

Имаме ние многу квалитет во нас, но дали тој квалитет ќе дочека да го види родното сонце, или ќе се буди на гурбет во Германија, Канада и Австралија. И во Нов Зеланд не има. Подалечна земја нема на светов, ако имаше можеби дел од нас и таму ќе избегаше. Сигурно не има и кај пингвините, но не се јавуваат тие што се таму, затоа што не сакаат да имаат контакт со оваа (не)реалност тука.

Претседателе, Алал да Ви е за потегот!

Но, по успешниот експеримент со турските арбитри, претседателот на МКФ Петар Наумоски и неговата администрација, мора да најдат начин записникот од мајсторката да оди во фиока. Длабоко, да не се појави повеќе на маса. Да се заборави дека некогаш доаѓале „УНПРОФОР-ци“ да ни ја средуваат кошарката.

МКФ мора да најде начин да создаде квалитетен судиски кадар, исто како што бара начин да создаде квалитетен играчки кадар. Двете работи одат една со друга. Нема кошарка без кошаркари, но нема ниту без судии. Вратете ги и поставете ги оние што ги бива, отстранете ги оние што не ги бива. Ако нема такви, направете ги. За доброто на кошарката!