ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Дали потопот беше само една победа против Работнички?

Дали потопот беше само една победа против Работнички?

сподели
фото: mztskopjeaerodrom.mk

Експозиција

Најтрофејната македонска екипа во историјата беше декласирана (80:44) во првиот натпревар од финалето до три победи, а најуспешната екипа последнава деценија вели дека има уште многу да се игра за титулата.

Работнички гоосвои Купот во Гевгелија, но имаше послаба кош разлика во меѓусебните лигашки дуели (2:2) во кои што ги покажа сите слаби точки, од кои што предизвикувачот извлекол поука, според приложеното.

Заплет

Има ли сила во ростерот на актуелниот шампион, кој што е десеткуван од повреди, притиснат од возраста на старите и неискуството на младите? Има ли енергија кај таа една петорка што им остана на црвено-белите, да парираат со сино-белата клупа што се протега и на трибините?

Има ли доблест публиката од Градски парк да се обедини, да ги остави на страна идеите дека Работнички мора секогаш по дифолт да победува, да го наполни СЦ Борис Трајковски и да го бодри својот тим, да му биде тој шести играч?

Кулминација

Ќе се прашува и предизвикувачот, кој што по 6 години доминација ја загуби титулата со чистка (3:0), минатата сезона и сега сака да ја врати во витрините. Ќе се прашува и екипата што годинава одигра НБА сезона, со натпревари како за четири тима, не освои ништо и ова е последната шанса.

Ќе се прашува и тимот што беше одлично скроен и избалансиран на почетокот на првенството, што можеби не беше доволно за враќање во АБА елитата, но се покажува дека е и тоа колку сериозно за македонските натпреварувања.

Перипетија

Втората епизода од финалето меѓу вечните ривали ќе ни даде одговор на сите овие прашања. Да, во спортот се игра додека не заврши натпреварот, односно серијата, но овој меч, е клучниот за конечниот исход.

Расплет

За ова ќе почекаме, но сериозно ќе бидеме насочени со резултатот од пресметката што почнува во 20:15 часот, кога сите недоумици ќе ни се разјаснат. Недоумици не само за оваа сезона, туку и за идните…