ПОЧЕТНА Во позадина Гостивар загуби од МЗТ, но победи против сите други заедно!

Гостивар загуби од МЗТ, но победи против сите други заедно!

сподели

Поразот од вицепрвакот во рамките на 15-то коло во домашниот шампионат, нема да ги расипе импресиите со кои што се враќаме од најкошаркарскиот град во Македонија.

фото: Додека во другите сали столчињата на трибините плачат, во Гостивар се топат!

За оваа констатација излегуваме на мегдан со секого и со сите заедно. Во нашата земја нема ниту еден друг град што толку ја сака кошарката. Нема ниту една друга сала што е полна како око.

фото: Централната трибина во Гостивар е преполна на секој натпревар, а на овој полицијата „му се жалеше“ на домаќинот дека не може да гарантира безбедност, ако бидат пуштени сите што чекаа пред салата, в сала! На крајот, се излезе во најдобар ред!

Скопје ги има Работнички и МЗТ, кои што ги жнеат титулите, Вардар кој што последниве години произведува играчи, Гевгелија ги има Кожув и Блокотехна, Кавадарци го има некогашниот шампион Фени, АВ Охрид има моќен сопственик, Куманово е постојано во врвот, Битола го има славниот Пелистер…

фото: Во Гостивар, и луѓето што работат во клубот влегуваат со билет, на истиот влез со сите други!
Аплицирајте веднаш за

Но, никој го нема богатството што ни го дава Гостивар. Вулканот Младост гори на секој натпревар и ништо и никогаш нема да го изгаси. На секој меч, таа ладна и несоодветна сала за модерни услови, е ПОЛНА.

фото: На вратата има турканици, но нема инциденти, секој што има билет влегува навреме…

Замислете каква ќе биде ако е современа, ако е по сите стандарди, ако нуди услови за непречен развој на кошарката. Ако постои начин да биде преземена на стопанисување, тоа би било идеално решение и за Градот, и за клубот, и за кошаркарите, и за публиката.

фото: Цел еден час траеше „гужвата“ пред вратата на салата Младост, не дека вратата е мала, туку затоа што публиката беше бројна!

Додека да видиме што ќе се случува со салата Младост, лек за кошаркарските рани од другите сали, ќе ни биде сликата на трибините. Но, и сликите пред влезот, каде што се чекаат редови за влез, каде што се бара билет како за Медисон Сквер Гарден.

фото: Желбата да се гледа својата екипа е поголема од се, Гостивар е редок град во Македонија и редок клуб што има СВОЈА верна публика, која што доаѓа на секој натпревар.

Гостивар има уникатна физиономија и уште поуникатна кошаркарска и воопшто спортска хемија. Таму, спортот, особено кошарката – СЕ САКА! Не ни треба друг доказ, фотографиите кажуваат се.

фото: Гостиварци заслужуваат едно големо натпреварување во најскоро време и клубот мора, а воедно е и на добар пат, да им го овозможи тоа!

Во Гостивар нема ниту една фрлена запалка, ниту еднаш не се слушнаа навреди на национална основа, немаше закани по живот, ниту пак некој помислуваше од трибините да влета на терен и да тера своја неандерталска правдина. Во Гостивар СЕ СЛАВИ СПОРТОТ!

А, на публиката, која што замина тажна по поразот од МЗТ Скопје, ќе и порачаме да не очајува. Во спортот се победува и се губи. Тимот на Гостивар е нов и му треба време да се уигра.

МЗТ е најкомпактниот и најквалитетниот тим во нашата кошарка, во моментов. Во МЗТ има 12 кошаркари кои што играат на исто ниво, кои што со АБА 2 лигата се во константен ритам. Не е срамно да се загуби од МЗТ.

Гостивар ја заслужува секоја буква од епитетот НАЈКОШАРКАРСКИ град. Честитки. Браво гостиварци, БРАВО!