ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Гостивар е кошмарот на Блокотехна

Гостивар е кошмарот на Блокотехна

сподели

Само една екипа во основниот дел од оваа сезона успеа два пати да слави против гевгеличани.

По триумфот во Негорски бањи, Гостивар и пред своите навивачи ја совлада Блокотехна, сега со 98:86. Овие две екипи можат да се сретнат и во полуфиналето од Купот на Македонија што од 12 до 14 април ќе се одржи во Гевгелија.

Блокотехна беше подобра во првото полувреме, го диктираше темпото и на пауза замина со минимална предност од 44:46. Сето тоа се смени во третиот период во кој Гостивар направи пресврт и ја сочува предноста до крајот. Почна со серија од 11:2 по која од 44:49 дојде на 55:51, а нешто подоцна со уште една серија од 10:0 отиде на 71:58.

Во последните 10 минути Блокотехна не успеа да се доближи на помалку од 8 поени негатива (81:73).

Тандемот Фустингер-Сегариќ го предводеше Гостивар до победата. Американецот постигна 23 поени и 7 скока со само едно промашување од игра, а хрватскиот интернационалец заврши со 19 поени и 11 асистенции.

Данило Мијатовиќ беше речиси совршен, постигна 27 поени и 7 скока, но помош доби само од Глигоријевиќ кој го изненади противникот и реализира 19 поени.

Со оваа победа Гостивар се проби на петтата позиција со можност да биде и четврти кога Фени Индустри ќе биде слободен. Блокотехна го доживеа третиот пораз и го загуби чекорот со водечките МЗТ Скопје и Работнички кои имаат по два.