ПОЧЕТНА Избор на уредникот Втората шанса не се пропушта, кој беше X факторот?

Втората шанса не се пропушта, кој беше X факторот?

сподели
фото: Zadar/Zvonko Kucelin

Сакал некој да признае или не, во Аеродром дуваат нови ветришта. Екипата е македонизирана, со странска димензија онолку, колку што е потребно. Тимот го предводни комплетно македонски стручен штаб. Резултатите не доаѓаат преку ноќ и МОРА да се почека, за да се види.

Да се разбереме, немаме ништо против никого, ниту сме националисти или шовинисти или сензационалисти, туку едноставно констатираме – МЗТ Скопје го врати моментот што би требало да ја врати публиката во салата, затоа што сега аеродромското дете има за што да навива и со кого да се поистоветува.

фото: Zadar/Zvonko Kucelin

Јасно е, дека сите сакаме да играме квалификации за Евролига, дека сите мислиме дека кошарката може да ни биде подобра. Но, како што сега стојат работите, во ваква поставеност на нештата, реалноста вели дека моментално највисокиот дострел ни е АБА лига. А, од АБА лигата, се оди во Евролигата.

Како што штрковите сонуваа и најверојатно ќе успеат да ја прелетаат втората регионална дивизија, така би можеле да сонуваат дека еден ден, ќе гнездат гнездо во европската кошаркарска елита. Не само тие, туку и другите екипи треба да го следат нивниот сон, затоа што ништо не е невозможно, ако се сака доволно за да биде можно.

фото: Zadar/Zvonko Kucelin

Тренерот Ѓорѓи Кочов повикуваше на трпение, пред стартот на сезоната. Управата на металците велеше дека има стратегија од која што нема да отстапи. Странците се тие, тренерот е тој. Нема менување имиња, како чорапи. Одиме до крај, па што биде нека биде, веруваме во нашите замисли, беше цврстиот став.

Како никогаш претходно, во редовите на нашиот вицепрвак играат легионери, кои што се споија со средината во која што живеат и функционираат. Нема помпи, нема баснословни договори, нема сомнителен квалитет, нема оди ми – дојди ми пресоблекување ликови (и тоа на полувреме) како во рекламите за еднаквост на УЕФА (онаа рекламана со Сидорф и Колина, ја знаете).

фото: Zadar/Zvonko Kucelin

Икс-факторот сезонава и на последниот натпревар, што не натера да ги напшишеме редовиве, е Иве Иванов. Иако немаше најдобар индекс или најмногу поени на последниот одигран меч, што беше најважниот сезонава за МЗТ, сепак тој е господинот, според годините и искуството, што ја предводи интернационалната чета во сино-белиот табор.

Нема да ги заборавиме Бојиќ, Медфорд и Вудард, кои што беспоштедно и несебично придонесуваат сликата да биде комплетна, ниту пак нашите домашни играчи, затоа што цело е само кога има се. Фамилијата конечно станува вистинска фамилија и сега и се потребни сите колена, да дојдат на трибина и да им ги дупнат ушните тапанчиња на задрани, во возвратниот меч што АБА лига значи!!!

Можеби оваа колумна е прерана и избрзана, но пусто срце кошаркарско не дава, а да не ја истрчаме контрава. Па сега, ако излезе топката од мрежата, на забивање, то(а) (ј)е то(а), што би рекол Среќко Катанец. Ова еднаш се случи во наша корист (Улм), нека ни се посреќи уште сега, па нека излага следниот пат.

Желбата наша е иста како и онаа на МЗТ Скопје Аеродром и како онаа на искрените македонски љубители на кошарката – да ги вратиме регионалните гиганти во Скопје, да доаѓаат и повторно да им се воодушевуваат на најдобрите кошаркарски услови во поранешна Југа.

Ајде ЕМ-ЗЕ-ТЕ!!!