ПОЧЕТНА А Репрезентација ВРВОТ ЕДНОГЛАСЕН: Ова беше празник на спортот!

ВРВОТ ЕДНОГЛАСЕН: Ова беше празник на спортот!

сподели
Градоначалникот Сашо Поцков, директорот на АМС Дарко Каевски и претседателот на МКФ Петар Наумоски, во свечената ложа на теренот во салата „26 Април“ во Гевгелија, на мечот меѓу Македонија и Косово (fiba.basketball).

Македонската јавност беше сведок на третата победа во претквалификациите за следното ЕП, на чекор сме до пласман во квалификациите, а челниците кои што се дел од организацијата, од позадината на овој успех, го истакнуваат нивното задоволство од досегашните резултати и особено од викендот во Гевгелија.

„Полн погодок е што натпреварот се одигра во овој град, тие неколку дена сите буквално пулсираа во ритамот на кошарката. Голема благодарност до градоначалникот Поцков и неговиот тим, за извонредната организација.

Гевгелија навистина се потруди максимално, се разбира и со наша помош, атмосферата и условите во салата да бидат според строгите критериуми на ФИБА.“ – ни изјави Моника Гаврилоска, генералниот секретар на МКФ.

fiba.basketball

Домаќин на репрезентативниот викенд беше КК Кожув, помогнат од Општина Гевгелија. Уште еднаш, гевгеличани покажаа како треба да се слави спортот, особено кошарката, во нашава земја.

„Максимално сум задоволен од организацијата, мора да истакнам дека како Општина вложивме максимум, да се задоволат ФИБА условите и да бидеме добар домаќин. Натпреварот помина во фер и коректна атмосфера, огромна благодарност до публиката и навивачите за коректното навивање.

Пресреќен сум за извојуваната победа, во првиот официјален натпреварувачки меч во нашиот град, на машката А репрезентација во кошарка.“ – се зборовите на Сашо Поцков, градоначалникот на Гевгелија.

fiba.basketball

На мечот присуствуваше и „претставник“ на државниот врв, кој што е голем љубител на спортот и чија што основна функција е унапредување на спортот во нашата земја, млад човек кој што неуморно се залага за кревање на свеста и на квалитетот на оваа општествена гранка кај нас.

„Видовме еден прекрасен натпревар, извонредна претстава на нашата репрезентација. За поздравување е потегот на МКФ, што исто како и РФМ, се трудат квалитетниот спорт да го пренесат во помалите градови, што е дополнителен мотив за сите во нашата земја. Така се поттикнува и се развива спорот во една држава.

Поздрав и честитки и до репрезентативците кои што дадоа се од себе, посебно би сакал да го издвојам Магдевски, кој што иако во бројките не беше меѓу лидерите, сепак неговата улога беше една од виталните за победата, особено во одбраната.

Само со ваков пристап и со ваква хемија, можеме да ја вратиме нашата кошарка, онаму каде што посакуваме и онаму каде што знаеме дека и е местото.“ – рече Дарко Каевски, директорот на АМС.

Седат Мехмети до Моника Гаврилоска, потпретседателот и генералниот секретар на МКФ го следат мечот во Гевгелија, меѓу Македонија и Косово (fiba.basketball).
Аплицирајте веднаш за

Пофални зборови за настанот во Гевгелија има и потпретседателот на МКФ, Седат Мехмети кој што од стапувањето на оваа функција, е мошне активен и присутен во нашите кошаркарски кругови, со цел да помогне и да придонесе во афирмацијата на овој спорт во Македонија.

„По одличниот пречек на Кошаркарската Федерација на Косово, ние како Македонска Кошаркарска Федерација се потрудивме да возвратиме со истото. Мислам дека успеавме да направиме одлична организација.

Морам да напоменам дека спортскиот директор Владимир Темелковски, со екипата на МКФ направи одлична работа. Натпреварот беше одличен и атмосферата беше на високо ниво.“ – изјави Мехмети.

Владимир Темелковски (лево) и селекторот Јорданчо Давитков, на еден од тренинзите на А селекцијата, во малата сала при СЦ Јане Сандански во Скопје (фото: МКФ).

Претседателот на МКФ го оставивме за крајот на оваа збирка реакции, затоа што тој, заедно со генсекот Гаврилоска, чија што изјава е на стартот, најдобро го знаат и го чувствуваат она што им се случува на репрезентативците.

Тие беа играчи на највисоко ниво, репрезентативци, наши достојни амбасадори во странство, а сега знаат како им е и на организаторите на вакви настани, затоа што последниве неколку години се неуморно посветени на овој сегмент од кошарката во Македонија.

„Би сакал да изразам голема благодарност до Градоначалникот, до градот и до сите што помогнаа околу одличната организација на овој натпревар. Голема благодарност до целата публика, која што во текот на сите 40 минути неуморно ги бодреше своите љубимци.

Задоволен сум од учинокот на нашиот репрезентативен тим во изминативе три натпревари, имаме максимални три победи и сакам да потенцирам дека единствено ваков пристап, ваква хемија и почитување меѓу нас самите, како и почитта кон националниот дрес, на прави сите задоволни и оптимисти.

Мислам дека се наоѓаме на вистинскиот пат во секој поглед. Ние од МКФ ќе продолжиме да им даваме целосен супорт и да изнаоѓаме можности во иднина, придонесот на репрезентативците што поквалитетно да го наградуваме! Благодарност и до целиот стручен тим.“ – рече Петар Наумоски, претседателот на МКФ.