ПОЧЕТНА Европски првенства Во Скопје ќе гостуваат 24 селекции, на ЕП во Б дивизија

Во Скопје ќе гостуваат 24 селекции, на ЕП во Б дивизија

сподели
фото: skopje.gov.mk

Македонската кошаркарска федерација трета година во низа ќе организира младинско европско првенство во главниот град на републиката.

Овој пат, МКФ ја доби довербата да организира масовно првенство, со вкупно 24 земји учеснички – Европско првенство за кошаркари до 18 години, дивизија Б.

Првенството ќе трае девет дена, сметајќи ги и двата дена за одмор (30. јули и 2. август), а натпреварите ќе се одиграат во СРЦ „Кале“ (голема), двете сали на СЦ „Јане Сандански“ како и vip арената при СЦ „Борис Трајковски“.

Аплицирајте веднаш за

Нашата јуниорска репрезентација натпреварите од групната фаза ќе ги одигра во големата сала на „Кале“, со почеток во 18:45.

На денешната прес-конференција Градоначалникот на Град Скопје, господинот Петре Шилегов ја потенцира поддршката на градот кон организацијата на ова првенство.

„Ми претставува чест и задоволство што Скопје оваа година е домаќин на европското првенство (дивизија Б) за кошаркари до 18 години, најмасовно првенство за млади со учество на 24 екипи и вкупно 300 учесници.

Спортувањето е важна алка во развојот на младите и планирам да остане доследен во својата обврска како градоначалник, на секој можен начин да ги поддржувам сите млади луѓе кои се мотивирани да се занимаваат со спорт, независно дали тоа го прават професионално или рекреативно.“ – истакна Градоначалникот.

Селекторот на репрезентацијата Панче Милевски говореше за очекувањата од тимот.

„Очекувам тимска игра и давање максимум во секој момент од секој играч. Би сакал да продолжиме во исто темпо, победничко, како и за време на подготовките.

Не сакам однапред да прогнозирам и да претскажувам успеси, неуспеси и пласмани, па и да звучам песимистички, но наше е на секој еден натпревар да одиме на победа.

Имавме одлични услови за подготовки, работевме напорно и очекувам добар настап на првенството.“ – истакна селекторот на оваа репрезентација, Панче Милевски.

Јуниорите го избраа Лука Стојановски за капитен, кој ја потврдува одличната тимска хемија.

„Сите ние четиринаесет момци кои досега бевме заедно работевме напорно и ќе го покажеме тоа на теренот. Мислам дека оваа репрезентација има супер квалитети, тимската енергија е на високо ниво, а ние сме желни за нови победи.“ – дополни капитенот.

Првенството трае девет дена, сметајќи ги и двата дена за одмор (30 јули и 2 август), почнува на 27 јули, завршува на 5 август 2018 година.

(преземено од mkf.mk)