ПОЧЕТНА Интернационалци (ВИДЕО) Рајковиќ во конкуренција за најдобар тренер во ВТБ лигата

(ВИДЕО) Рајковиќ во конкуренција за најдобар тренер во ВТБ лигата

сподели
Емил Рајковиќ (VTB League)

Македонскиот стратег гори се пред себе, во најсилното регионално првенство на светот. Неговата Астана, постигнува историски успеси. Клубот е заинтересиран да го задржи за подолг период.

„Раководството е презадоволно, веќе имам понуда да останам и во наредните две сезони, со цел да имаме континуитет во работата. Во досегашниот тек на оваа сезона, веќе постигнавме историски успех за клубот.

Astana BC

Во регионалната лига играме добро, тоа е мошне силно натпреварување. ВТБ лигата подготвува големо интервју, очекуваме наскоро да биде објавено. Засега, се оди во наша полза.“ – вели за basketball.mk, низ насмевка, Емил Рајковиќ.

Во официјалната најава за Тренер на годината во ВТБ лигата, Рајковиќ е опишан како исклучителен мотиватор и како главната причина, поради која што Астана сезонава има 15 победи, од 26 можни кола.

Му избега 5-та позиција во директната пресметка со Зенит, внимавајте – со ЗЕНИТ, по поразот на гости ПО ПРОДОЛЖЕНИЕТО, а во плеј-офот Астана ќе стартува од 6-та позиција, додека Зенит од 5-та. Двете екипи имаат учинок по 15 победи и 11 порази.

„Астана ја игра најдобрата сезона во ВТБ лигата, има преку 60% победи што е клупски рекорд. Печатот за максимално возбудливите победи веќе е оставен, се сеќаваме на пресвртот, по -19, против Зенит.

BC Astana

Иновациите што ги имплементира Емил Рајковиќ се евидентни.“ – се вели во описот за нашиот тренер, на официјалниот портал на ВТБ лигата, во најавата за тренер на годината.

Нашиот тренер не е сам во Казахстан. Има поддршка од семејството, неговата сопруга и децата се со него, што во огромна мера му ја олеснува работата – тој може слободно да се концентрира на кошарката.

КК Астана

Освен најдрагите, со него е и неговиот асистент Сашо Тодоровски, кој што исто така е таму со своето семејство. Нашата колонија не е бројна, но има и тоа колкаво влијание, врз кошарката во градот Астана.

„Тука сме како Македонија во мало. Децата посетуваат руско приватно училиште. Се е организирано на највисоко ниво.

moderndiplomacy.eu

Астана е модерен град, но премногу е ладно во зима. Ни недостасува нашата клима.“ – вели Рајковиќ.

BC Astana

Македонскиот тренер, има исклучително плодна и квалитетна сезона во најсилното регионално натпреварување, во светски рамки. ВТБ лигата, одамна се брои и како руски шампионат, што доволно кажува какви екипи играат таму.

Емил Рајковиќ ќе игра плеј-оф во ВТБ лигата, каде што се е можно. Му посакуваме многу успех, во обидот историските резултати кои што веќе се врежани, само да се надоградуваат. Среќно, Емил!