ПОЧЕТНА АБА Бубе е адутот на МЗТ Скопје за Приморска

Бубе е адутот на МЗТ Скопје за Приморска

сподели
фото: МЗТ Скопје

Веројатно никој во редовите на единствениот македонски претставник на Јадранот не го познава следниот противник како Љубомир Младеновски.

Минатата сезона Бубе ја помина во словенечкото првенство како член на тимот на Илирија. Се прикажа во одлично светло, но по само една година одлучи да се врати во татковината и тоа во тимот од каде замина на првата печалба во кариерата.

Приморска го пречекува МЗТ Скопје во третото коло од АБА 2 и токму 23-годишниот центар може да биде најголемиот адут на македонскиот вицешампион на првото гостување во регионалното натпреварување.

„Приморска е веројатно една од најквалитетните екипи во АБА 2, а и сигурно најскапа. Од минатата година составот им е доста променет и играта им се базира на ‘пик-н-рол’ со плејмејкерот Жан-Марк Шишко, кој лани ми беше соиграч во Илирија, а сега е еден од носителите на играта на Приморска.

Љубомир Младеновски како член на Илирија против Приморска минатата сезона

Покрај него, многу работи зависат од ‘1 на 1’ играта на Јагодиќ-Куриџа кој моментално е во одлична форма (беше МВП минатото коло н.з.) и во првите два натпревара беше доминантен во однос на противниците.

Тие се фаворити на домашен терен и притисокот за победа е на нивна страна, но ние со цврста одбрана, каква што покажавме на претходните мечеви, мислам дека можеме да ги изненадиме и да славиме на првиот натпревар на гости оваа сезона”, анализира Младеновски за basketball.mk.

фото: МЗТ Скопје
Аплицирајте веднаш за

Се покажа дека домашното првенство во моментов е поголем проблем за МЗТ Скопје отколку АБА 2 лигата. Една од причините за тоа е правилото за најмалку тројца македонски кошаркари на теренот во секое време.

Во регионалното натпреварување нема таква рестрикција, па таму можат во исто време на теренот да бидат сите четворица странци од кои зависи играта на нашиот тим.

фото: МЗТ Скопје

„Против Блокотехна можеби влеговме малку опуштено, по двете победи во АБА 2. Противникот беше максимално мотивиран, како и секој друг македонски тим кој игра против МЗТ Скопје, и на крајот заслужено се радуваше на победата.

Не сме уште навикнати на новото правило за тројца Македонци на терен бидејќи често се случуваше тренерот за еден играч да мора да прави двојна измена. Тоа го нема во АБА 2 и ќе треба допрва да се прилагодиме на таквиот систем на игра, но оптимист сум дека брзо ќе влеземе во посакуваниот ритам“, додава Младеновски.