ПОЧЕТНА Женска кошарка Бране Андриевски: Вардар ја има најдобрата школа, станавме магнет за сите млади...

Бране Андриевски: Вардар ја има најдобрата школа, станавме магнет за сите млади надежи

сподели

Последните години, Кошаркарскиот клуб Вардар од Скопје стана синоним за успеси во младинските категории.

Само годинава, „црвено-црните“ освоија три титули од можните четири во младинска конкуренција со што само ја збогатија пребогатата колекција од последните сезони. Ако во клубот прашате кој има најголема заслуга за тоа, сите со прстот ќе покажат кон еден човек – Бране Андриевски.

Аплицирајте веднаш за

Четири пати прогласен за најдобар тренер на млади категории во Македонија, три години тренер на првиот тим на Вардар, а сезонава успешно го почна новиот проект – тренер на Женскиот кошаркарски клуб Вардар кој во дебитантската сезона во елитата го освои Купот на Македонија. Освен тоа, МКФ го назначи за тренер на репрезентацијата 3х3 со која минатата недела освои злато на турнирот на млади надежи во Бугарија и ќе игра квалификации за Јуниорските олимписки игри во 2018 година.

Токму по заслуга на Андриевски, младинската школа на Вардар лани беше прогласена за најдобра во Македонија.

Basketball.mk: Вардар не е МЗТ Скопје или Работнички, а сепак ја има најдобрата младинска школа во Македонија. Како успеавте да го направите тоа?

Андриевски: Благодарение на спонзорот на клубот имаме најдобри услови за работа со млади категории во Македонија. Клубот располага со сопствена сала која 24 часа е на располагање за тренинг и натпревари.

Силата на клубот е во стручниот штаб. КК Вардар е водечки во Македонија со регистрирани тренери (вкупно 11), сите добро едуцирани со високо образование во областа на спортот, а пет тренери се професионално ангажирани во  клубот (со стаж и платено пензиско и здравствено осигурување).  Во прилог на младите кошаркари оди и фактот што Вардар негува политика на промоција на млади македонски кошаркари и со години важиме за најмлада екипа во Првата лига на Македонија.

Поради тој факт сме магнет за младите и перспективни кошаркари кои ја препознаваат шансата да бидат дел од добра средина во која квалитетно се работи и што е најважно добиваат шанса во сениорскиот тим за разлика од останатите клубови кои се одлучуваат на ангажман на странци.

Basketball.mk: Последните години остваривте многу успеси и на меѓународна сцена како, на пример, второто место во Италија пред неколку месеци. Какви се реакциите во странство на вашите резултати и на квалитетите на играчите на Вардар ако се знае дека ваш кошаркар тогаш го доби МВП признанието?

Андриевски: Важно за младите кошаркари е да играат квалитетни натпревари надвор од нашите граници каде што ќе ја увидат реалната слика за своите квалитети.

Редовни учесници сме на меѓународни квалитетни турнири во странство каде што забележуваме солидни резултати. Италија е најсвеж пример за тоа каде што во финалето несреќно загубивме од младинскиот тим на евролигашот Армани Џинс, но простор за разочарување немаше.

Квалитетот на нашите играчи е речиси на идентично ниво со европски поразвиените кошаркарски земји, проблемот настанува после 18 година кога квалитетот во Македонија опаѓа што се должи на повеќе фактори, но за тоа во друга прилика.

Basketball.mk: Иако произведувате огромен број млади кошаркари, сениорската екипа на Вардар не може да се пофали со добри резултати последните години. Што е причината за тоа, односно, зашто не успевате да ги задржите квалитетните играчи?

Андриевски: За разлика од 90 отсто од клубовите во Македонија кои се во општинска сопственост, КК Вардар е 100 отсто спонзориран од фирмата Еуроимпекс и не добива спонзорство од ниедна општина. Буџетот на клубот е далеку помал во однос на останатите клубови и поради тоа потешко обезбедуваме потис со поквалитетни искусни играчи.

Сепак, напоменав дека резултатот овде е во втор план, пред се Вардар се потпира на сопствени сили, црпиме играчи од нашата школа и на тоа сме навистина горди. Ако направите анализа, во Македонија во секој прволигашки тим има минимум двајца кошаркари кои потекнуваат од школата на Вардар, ние работиме и создаваме идни македонски репрезентативци, тоа е нашата политика и цел и од тоа не отстапуваме.

Basketball.mk: Нешто на личен план. Последната година работевте на свое стручно усовршување. Може ли нешто поопширно на таа тема?

Андриевски: На предлог на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Македонскиот олимписки комитет (МОК) со одобрение на ИОК и ФИБА, ми овозможи да се стекнам со квалитетна обука во Соединетите Американски Држави, обука која започна во септември 2016 година, а која ја завршив со голем успех, односно го одбранив својот стручен труд пред Комисијата составена од членови на ИОК, Американскиот олимписки комитет (АОК) и Универзитетот Делавер (САД).

Полагањето на завршниот испит се одржа во седиштето на Меѓународниот олимписки комитет во Лозана, Швајцарија. Ова беше деветто издание на оваа висококвалитетна меѓународна програма во организација на ИОК и АОК во која оваа година беа вклучени 30 тренери од сите пет континенти.Успешно го одбранив својот труд насловен “Креирање на модел за долгорочен развој на млади кошаркари во Република Македонија“, а дипломата ми беше врачена од страна на Генералниот секретар на АОК, г-динот Скот Блекмун и членот на ИОК, д-р Октавиан Морариу.

За големиот успех добив честитки од МОК и верба дека стекнатите знаења ќе ги пренесам на младите кошаркари, но и на своите колеги тренери со што ќе дадам голем придонес кон унапредување на кошарката во Република Македонија.

Basketball.mk: Веројатно сте најтрофеен тренер на млади категории во Македонија во моментов, а сепак не работевте како селектор на некоја од младинските селекции кои, од друга страна, не можат да се пофалат со добри резултати последните години. Лично Ваша е одлуката да не бидете во преден план во националните тимови или, едноставно, не дошол ред?

Андриевски: Последните десет години со КК Вардар освоив се што можеше да се освои во првенството и Купот на Македонија, па нормално беше да се пробам и во сениорска конкуренција водејќи го клубот три сезони во Првата лига на Македонија.

Минатата година со клубот почнавме нов проект, формирање на женска екипа, а јас ја презедов улогата на тренер. Во дебито во женската кошарка успеавме да славиме во Купот на Македонија што преставуваше навистина убав успех за клубот. Исто така, од минатата сезона повторно сум сконцентриран на работата со младите категории.

Што се однесува до работата со националните младински селекции, досега во неколку наврати имам работено со младинските репрезентации на Македонија, а веќе две години сум ангажиран како координатор на сите национални селекции. Можам да кажам дека во последните две години многу се направи во таа насока. Проектот со „генерацијата 2002“ веќе дава позитивни резултати, освоивме два турнира, а на еден бевме второпласирани и очекувам на ЕП У16 оваа генерација да постигне забележителен резлтат.

Има Македонија таленти и сигурен сум дека доаѓаат подобри денови за Мак-баскетот.

Basketball.mk: Некои велат дека сте „алфа и омега“ во Вардар. Постои ли план или желба за работа надвор од Македонија бидејќи тоа ќе значи збогување со клубот каде ги почнавте тренерските чекори?

Андриевски: Засега сум сконцентриран на работата во клубот и во репрезентациите. Секако дека секој размислува за продолжување надвор од границите на Македонија, имам неколку понуди од САД и Кина, како и од репрезентацијата на Луксембург, но засега останувам во Македонија