ПОЧЕТНА Некатегоризирана Блокотехна не го дава врвот во БИБЛ лигата

Блокотехна не го дава врвот во БИБЛ лигата

сподели

Седма победа по ред за единствениот македонски претставник во БИБЛ лигата оваа сезона – Блокотехна. Во Гевгелија е совладан Ибар со 90:79, а тимот на Марјан Илиевски се задржа на првото место на табелата кое го држи веќе два месеца.

Се очекуваше полесен натпревар за Блокотехна и поубедлива победа имајќи предвид дека Ибар е на последната позиција со само една победа сезонава. Сепак, црногорците почнаа одлично, водеа со 16:2, па Блокотехна мораше да одговори со серија од 12 поени.

Првата четвртина ја доби нашиот тим со 24:22, но Ибар не планираше да се предаде и на полувреме замина со водство од 47:45.

Вториот дел донесе промена во пристапот, а многу брзо и во резултатот. Блокотехна почна со серија од 8:0, подоцна дојде и до двоцифрена предност и ја задржа до крајот остварувајќи уште една важна победа.

Данило Мијатовиќ со дабл-дабл од 26 поени и десет скока беше прв играч на Блокотехна, но Стојан Ѓуроски го одигра најдобриот натпревар во дресот на Блокотехна постигнувајќи 22 поена.

Прв стрелец на мечот беше Џерел Џимонс од редовите на Ибар кој заврши со 34 поени.