ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Без одбрани во Куманово, АВ Охрид испушти 17 поени предност

Без одбрани во Куманово, АВ Охрид испушти 17 поени предност

сподели

Куманово и АВ Охрид одиграа еден од најатрактивните натпревари оваа сезона во Првата кошаркарска лига. Победи Куманово со 105:97 по многу возбудувања и промени на водството.

АВ Охрид има многу причини да жали бидејќи ја одигра најдобрата четвртина (првата) оваа сезона во домашното првенство. Пред нејзиниот крај го достигна и највисокото водство од 29:12, а блескаа Јунаковиќ и Рос кои постигнаа најголем дел од поените.

Враќањето на Куманово почна во вториот период и тоа најмногу благодарение на Бобан Стајиќ. Иако почна како резерва, поранешниот играч на МЗТ Скопје погоди неколку важни кошеви, пред се тројки, со кои кумановци ја достигнаа високата негатива.

Во 15. минута беше 31:33, во 17. – 36:37, но АВ Охрид до крајот на полувреме не го предаде водството. Напротив, во 26. минута повторно имаше двоцифрена предност (66:55), но издржа само до крајот на третата четвртина.

Пред крајот на третиот и почетокот на последниот период Куманово направи серија од 13:0 и поведе со 86:77. На 100 секунди пред крајот АВ Охрид се доближи на 95:97, но Ковач погоди тројка и уште две слободни фрлања и ја запечати победата на домашниот тим.

Куманово го одигра натпреварот со само седуммина кошаркари, но шест од нив имаа двоцифрен поентерски ефект. Најефикасен беше Караџовски со 22.

На Рос и Јунаковиќ сега им се приклучи и Зимиќ, но како и во АБА 2, повторно изостана помошта од другите кошаркари, особено од оние од клупата кои реализираа само девет. Сепак, мора да се истакне изданието на Јунаковиќ кој постигна 36 поени, седум скока и осум асистенции за индекс 43.

За Куманово ова беше шеста победа во последните седум кола, а АВ Охрид и покрај поразот останува со големи шанси за пласман во Супер лигата.