ПОЧЕТНА Избор на уредникот АНАЛИЗА: На Федерацијата и треба помош во акцијата „Враќање на култот на...

АНАЛИЗА: На Федерацијата и треба помош во акцијата „Враќање на култот на А репрезентацијата“!

сподели
Македонската А селекција играше пред празни трибини на пријателскиот меч со Бугарија, во рамките на подготовките за мундијалските претквалификации.

Кошаркарска Македонија бележи огромен пад во популарноста, последните неколку години, особено по бајката што ни се случи во Литванија. Најголемиот успех на македонскиот колективен спорт, паѓа во сенка на сите небулози што долго време ни се случуваат во клупската и во младинската кошарка.

Одамна немаме квалитетен репрезент на меѓународната сцена, кој што би претендирал за високи дострели во елитните клупски натпреварувања. Одамна немаме „извадено“ кошаркарски бисер, кој што ќе ни ги смири ноќите во кои што искрените љубители на кошарката се препелкаат во сон, барајќи ја и посакувајќи ја таа сламка спас за нашата кошарка.

Македонската Кошаркарска Федерација реши да ги отвори вратите за претстојниот „Трофеј Македонија“, на кој што (20-22 јули) ќе настапат нашата репрезентација, Холандија, Португалија и Босна и Херцеговина. Со одлука на раководството, влезот на сите натпревари ќе биде бесплатен.

Петар Наумоски и Моника Гаврилоска, претседателот и генералниот секретар на МКФ.

„МКФ смета дека публиката е главната алка на целата оваа идеја и на желбата за враќање на кошарката на славните патеки од минатото. Ова е една сеопфатна акција од страна на сите инволвирани во кошарката, тука мислам пред се на повозрасните играчи и на сите оние спортски работници околу кошарката. Имајќи го в предвид и тајмингот на одигрувањето на „Трофеј Македонија“, ова решение ни изгледаше најлогично.“ – изјави за basketball.mk, претседателот на МКФ, Петар Наумоски.

Аплицирајте веднаш за

Новото раководство на македонската кошаркарска куќа, кое што веќе и не е ново, зад себе има позитивно и негативно (од страна на јавноста) оценети потези, но генералната слика е дека челниците на Федерацијата се трудат да ја кренат кошарката на повисоко ниво, се трудат да го возобноват системот кој што е одамна колабиран. Ова е констатација што некој ќе ја поддржи, други нема. Сите имаат право на свое мислење, затоа и статијата е во рубриката АНАЛИЗА.

Младинските лиги одамна не постојат, клубовите што играат во премиерните лиги (машката и женската) одамна немаат свои квалитетни школи, оние школи кои што функционираат одамна се строго комерцијални, женската кошарка одамна ни се (за)губи од мапата, машката репрезентација не успеа да се пласира на претстојниот Евробаскет што сигурно не е резултат на едно или две инстант кадрови решенија…

МЗТ Скопје Аеродром (АБА) и Карпош Соколи (ФИБА) се перјаницата на македонската клупска кошарка во моментов.

Оваа низа на „чудни“ случувања може да оди во бескрај, ги наведовме само главните кои што може да се видат вака, површински. Кој знае што се случува во кулоарите, онаму каде што окото и увото на обичниот човек не може да допрат, да видат и да слушнат.

„Според нас, логично беше одлуката за отворање на вратите да биде во правец на сплотеност и сите заедно да се обидеме да им дадеме голема поддршка на кошаркарите и на кошарката.“ – дополни Наумоски.

„Трофеј Македонија“ е турнирот што со гордост го организираме, турнирот што редовно, секое лето, ни е главната домашна сцена на која што репрезентацијата се среќава со публиката, со својот играч од трибините, со главната цел за која што таа репрезентација постои.

„Сакаме секое семејство да може да дојде на трибините во СЦ Борис Трајковски, а при тоа да не му се наштети на домашниот буџет. Овој турнир, нека биде празник на кошарката и празник за сите.“ – рече за basketball.mk, генералниот секретар на МКФ, Моника Гаврилоска.

Наумоски и Гаврилоска ниту измислиле топла вода, ниту пак ја решиле нашата вечна равенка со многу непознати, зошто кошарката ни оди надолу по тоа фамозно полуфинале на ЕП 2011-та година, кога сите очекувавме пласман на ЛОИ и барем сличен резултат со истата герерација, на ЕП 2013-та година во Словенија.

Клупата на македонската репрезентација, за време на натпреварот со Бугарија.

Оваа анализа не е ниту нечија пропаганда, ниту пак брани нечии интереси или напаѓа други. Целта на овие редови е да се врати публиката во салата, барем кога игра репрезентацијата. Во сала се оди за Македонија, не за противникот. Во сала се оди да се бодри своето, не да се види туѓото.

Нема да кажеме „греота“ беше да се гледа празна сала на пријателската против Бугарија, затоа што репрезентативците искршија коски да победат во небитен натпревар на домашен терен, против небитен противник. Ќе кажеме дека беше „бедно“, што трибините беа празни на бесплатен влез.

Сакаме да констатираме дека во „мултимилионската метропола“ Скопје нема 7.000 луѓе кои што сакаат да го гледаат националниот тим, или сакаме да се погледнеме в очи и да си кажеме дека повеќето од нас сме шминкери кои што сакаат да парадираат, таму каде што треба да се потат дланките и да не се штеди гласот?

Размислете…