ПОЧЕТНА Евролига „Алфонсо Форд“ за Мајк Џејмс!

„Алфонсо Форд“ за Мајк Џејмс!

сподели
фото: euroleague.net

Кошаркарот на Олимпија Милано е најдобар стрелец во основниот дел од Евролигата за сезоната 2018/19.

Американецот просечно постигнуваше по 19,8 поени по натпревар, точно пет повеќе од второпласираниот Кори Хигинс од ЦСКА. Интересно е тоа што најдобар беше против најдобрите: На Реал, во 27-тото коло му даде 35, а на Фенербахче, во 12-тиот круг – 31 поен.

Сепак, ни таквиот ефект на Мајк Џејмс не беше доволен Олимпија да избори место во плеј-офот од Евролигата бидејќи заврши дури на 12-тото место на табелата, со една победа помалку од осмопласираниот Жалгирис.

Џејмс е 12-ти кошаркар што го добива признанието „Алфонсо Форд“ во 15-те години откако тоа го носи ова име. Досега само двајца кошаркари го освоиле повеќе од еднаш: Игор Ракочевиќ во 2007 и 2009 (со Тау Керамика) и 2011 (со Анадолу Ефес) и Кит Ленфорд во 2014 (со Олимпија Милано) и 2017 (со Уникс).

Наградата го доби името „Алфонсо Форд“ во чест на поранешниот соиграч на Врбица Стефанов кој почина од леукемија на 33-годишна возраст. Добитник на оваа награда е и поранешниот македонски репрезентативец Лестер Бо МекКејлеб и тоа во сезоната 2011/12.