ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА АВ Охрид ја испушти сензацијата на сезоната

АВ Охрид ја испушти сензацијата на сезоната

сподели
фото: kk-av ohrid

Два дена по одличниот настап и убедливата победа против Сплит во АБА 2, МЗТ Скопје се спасуваше да не доживее бламажа во петтото коло од домашното првенство.

Триумфираше на гости кај АВ Охрид со 80:83, но дали поради потценување, дали од други фактори, за победата трепереше до последната секунда.

Аплицирајте веднаш за

Домашниот тим уште ја очекува првата победа во новата сезона, досега има биланс 0-4, но својот најдобар натпревар го одигра против актуелниот вицешампион. Одлично почна, водеше со 14:3 во петтата минута, но МЗТ Скопје се врати со серија од 10:0.

И покрај притисокот АВ Охрид ја задржа концентрацијата, во втората четвртина имаше +8 (27:19), а во предност беше со 16. минута. Со серија од 13:0, МЗТ Скопје поведе со 29:37, а пред крајот на полувремето предноста на гостинскиот тим беше и двоцифрена.

Во 33. минута вицешампионот ги достигна највисоките +16 (55:71) и веројатно никој тогаш не помисли дека ќе присуствува на драма. АВ Охрид направи серија од 12:0 за -4 (67:71) на четири минути пред крајот. МЗТ Скопје се одлепи на +6, но со тројката на Младеновиќ, домашната екипа дојде на само еден поен негатива (79:80) на влезот во последната минута.

Младеновски погоди само едно од двете слободни фрлања и потоа Двојаковски ја имаше шансата на сезоната. Се најде на пенал-линијата, но реализира еднаш и испушти можност да го однесе натпреварот барем во продолжение. Којзнае што ќе беше ако го погодеше и вториот шут. На десет секунди пред крајот Медфорд погоди две слободни фрлања, а Хил во последниот обид за тројка не беше прецизен.

МЗТ Скопје играше без Вудард и Иванов, но го имаше Симоновски кој постигна 27 поени меѓу кои седум тројки од 13 обиди. АВ Охрид ја доби скок-играта, ги освои симпатиите, но не и двата бода. Хил со 19 поени и 9 скока беше најдобар поединец.